Ѓуровски: Ние игравме фудбал од срце и љубов, а денеска сите го играат само за – пари!

Македонската фудбалска легенда Милко Ѓуровски, бивш репрезентативец на СФР Југославија и Македонија, а потоа тренер на неколку македонски клубови меѓу кои и на Вардар, во интервју за регионалната телевизија „Спортклуб“ посочи дека денеска фудбалот не се игра од љубов како во минатото, туку само за – пари.

Ѓуровски сите го паметат по неверојатниот темперамент и по земјотресот кој во 80-те години го предизвика во Белград, кога од Црвена Звезда замина во Партизан. Македонската легенда посочи дека фудбалот во минатото поинаку го доживувал и тој и сите од неговата генерација, споредбено со новите генерации кои го играат, каде сѐ се врти околу парите.

„Една голема разлика има меѓу нас кои игравме во тоа време и сегашните фудбалери, а тоа е што ние го сакавме тој фудбал. Сега сите играат фудбал за – пари! Веројатно кога јас би бил роден во ова време ќе ме натераа буквално со зборови: 'што ти е гајле колку играш, битно е дека ќе добиеш толку и толку пари'. Мислам дека денешните фудбалери не го сакаат фудбалот, зашто прво што прашуваат е колку ќе им биде платата, колку пари ќе добијат за да играат. Ние многу поинаку го доживувавме фудбалот и го игравме. Мене не ме интересираше колкава ќе ми биде платата, јас сакав да играм на полн стадион, да дадам гол и сите да ми го скандираат името“, вели Ѓуровски.