Газдата на Газиантеп потврди: Во контакт сме со менаџерот на Јаховиќ!

Откако вчера се појави информација во турските медиуми дека Газиантеп сака да го купи бившиот македонски репрезентативец Адис Јаховиќ од Јени Малатијаспор зимава, првиот човек на клубот Мехмет Бијикеши потврди дека веќе го исконтактирале менаџерот на македонскиот центарфор.

Јаховиќ од 2016 година успешно игра во Турција, прво во Гецтепе, па во Коњаспор, а од летоска е во Малатија и моментно со 11 гола е трет стрелец во турската Суперлига. Газиантеп бара нов напаѓач за пролетниот дел од сезоната, па Јаховиќ им е еден од приоритетите.

„Имав разговор со менаџерот на Јаховиќ. И моментно немаме јасна слика, но чекаме новости“, рекол Бијикеши.

Останува да се види дали Малатија би сакала така лесно да се откаже од услугите на Јаховиќ и неговите голови, иако турските медиуми шпекулираат дека македонскиот интернационалец не бил најзадоволен во новиот клуб.