Галата ќе го сонува Елмас: Бисерот имал три месеци кога последен пат Фенер загубил дома

Македонскиот бисер Елиф Елмас вчера го реши турското класико, па со гол му обезбеди реми 1-1 на Фенербахче против вечниот ривал Галатасарај и со тоа ја продолжи мизерната и црна традиција на Галата во пресметките која трае цели – 20 години.

Елмас погоди во 71-та минута, таман што навивачите на Галата се понадеваа дека е дојден денот за славје на „Шукру Сарачоглу“, каде немаат триумф од декември 1999 година. Галата имаше сè во свои раце – играч повеќе, водство... Ама, немаше одговор на акцијата во 71-та минута во која Елмас блесна и им ги урна тие соништа.

Интересно е што макеоднскиот бисер имал само три месеци кога Галатасарај последен пат се израдувал во „интерконтиненталното дерби“ во Истанбул. Оттогаш Галата не знае за триумф над Фенербахче. И тој сон сега нешто повеќе од 19 години им го урна Елмас. За следниот обид ќе почекаат речиси една година, па тоа значи дека оваа година се слави јубилеј.

Елмас е роден на 27 септември 1999 година во Скопје, а Фенербахче последен пат дома загуби од Галата на 22 декември 1999 година.

И овој момент сега е главен сеир од навивачите на Фенер за приврзаниците на Галата. Елмас колку што е стар, толку е и доминацијата дома на „сино-жолтите“.