Елмас првпат проговори за трансферот од Фенербахче

Македонскиот бисер Елиф Елмас со нов погодок за Фенербахче ја заокружи оваа сезона во Истанбул, втора откако од Работнички замина во турскиот гигант и само уште еднаш потврди зошто половина Европа посакува да го ангажира веќе летово.

Елмас влезе во добар ритам, постигнува и голови, откако тргнал голгетерски со сефте два гола во македонскиот дрес на стартот на евроквалификациите, па запиша три за Фенербахче, одигра клучнимечеви и беше еден од најзаслужните што истанбулскиот великан од екипа која се бореше за опстанок стигна на чекор да игра во Европа (зависи дали ќе добијат лиценца).

И веќе со месеци европските и турските медиуми секојдневно објавуваат информации за интерес и понуди од многу европски гиганти, кои сакаат летово да го купат. На списокот се Манчестер јунајтед, Манчестер сити, Тотнем, Интер, Наполи, Фиорентина, Лацио, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид, Севилја, Борусија Дортмунд...

Елмас после толку приказни за трансферот, првпат проговори за турските медиуми после голот што ѝ го даде на Анталијаспор и уште повеќе ги збуни сите.

„Не знам ништо што понатака. Не сум одлучил ништо. Но, ова не е само до мене. Се прашува и клубот, а за тоа што и како ќе биде летово – ќе решиме заедно“, рекол Елмас.

Првиот човек на Фенербахче, неодамна изјави дека клубот нема да брза да го продаде својот бисер и дека Фенер не е приморан да го продаде Елмас, туку посакува уште една година да го задржи во своите редови.