Елмас од клупата гледаше како Јаховиќ асистира, а Фенербахче победи во 93-та минута (ВИДЕО)

Гецтепе не може без Адис Јаховиќ, макар и кога најдобриот стрелец во турската Суперлига не дава гол, затоа што вечерва во „македонското дерби“ со Фенербахче во Истанбул, интернационалецот запиша асистенција, но тоа не беше доволно за бод, затоа што Роберто Солдадо во 93-та минута го расплата измирскиот клуб за победа со 2-1 во мечот во кој македонскиот бисер Елиф Елмас повторно не доби шанса и остана на клупата за резерви.

Дека Јаховиќ е клучен за Гецтепе говори еден страшен факт. За него ова беше 17-ти меч сезонава за клубот од Измир и на секој од тие мечеви во просек учествувал за погодок, дали како стрелец или како асистент. Остана на 14 гола од есеноска, но ја запиша третата асистенција за Гецтепе .

Јаховиќ во 59-та минута украде една топка на 20 метри, поради грешката на дефанзивците на Фенер, и потоа несебично и мајсторски во празно го проигра Бијого Поко, на кого му остана само рутински да ја смести топката во мрежата. Претходно, Фенербахче преку Фернандао дојде до водство уште во 15-та минута, а Солдадо обезбеди победа во самиот финиш.

Откако Гецтепе израмни, тренерот Ајкут Кочаман веднаш ги стави Метју Валбуена и херојот Роберто Солдадо, за да брка победа, а на 20 минути до крајот влезе и Ахмет Потук, со што надежта дека Елиф Елмас ќе дебитира вечерва исчезна. Младиот македонски репрезентативец сега ќе чека шанса за официјално деби на некој од следните мечеви за Фенер.

Еве ги двата гола за победа на тимот на младиот Елмас.