Елмас: Нема посреќен од мене – прво дерби и веднаш гол!

Македонскиот бисер Елиф Елмас денеска е хит во Турција, откако го реши турското класико во кое неговиот Фенербахче успеа да извлече бод во дерби пресметката со Галатасарај (1-1), а токму младиот фудбалер за врска го постигна голот за реми.

Елмас блесна кога беше најпотребно. Фенербахче се најде во два проблеми, на полувреме остана со фудбалер помалку, а на средина од вториот дел се најде во негатива од еден гол, по што на сцена стапи Елмас и во екстаза ги турна навивачите на Фенербахче.

После мечот, Елмас не можеше да ја скрие среќата што се покажа како решавачки за бодот на својот клуб и тоа на првото супердерби.

„Пресреќен сум... Пресреќен сум што го играв дербито, пресреќен што бев дел ов ваков спектакл, од ваква возбуда каква што носи едно вакво дерби. Пресреќен што го играв за првпат. Пресреќен сум што дадов гол. Јас сум среќен за оваа серија, се надевам дека така ќе продолжи“, рече Елмас.

Младиот макеоднски фудбалер против Летонија даде два гола, сефте за него во македонската репрезентација, а после многу силен притисок тренерот Јунал конечно го стави во првиот тим и Елмас блесна кога беше најпотребно пред очите на претставниците на европските великани кои го следат веќе долго време и лицитираат за неговиот ангажман.