Голман ја откри нашата мизерија – и втората лига во БиХ нуди подобри услови!

Македонскиот фудбал веќе со години е очаен и мизерен, барем кога станува збор за фудбалските услови што ги имаат играчите и децата за развој, па не е ни чудо, што секој наш фудбалер по секоја цена сака да си замине. Воопшто и не треба да чуди што во последната година Албанија стана „мека за трансфери“, од подамна грчка втора, трета лига е подобра од македонска Прва, ама очигледно и во БиХ е подобро дури и во второлигашка конкуренција.

Еден од хероите на битолски Пелистер од пред две сезони, Илче Петровски летово се пресели во прволигашот од БиХ, Јединство од Бихаќ, клуб кој има амбиција да влезе во премиерлигашкото друштво со Сарајево, Зрињски, Жељо, Широки бријег... Петровски беше херој во освојувањето на куп-трофејот со Пелистер во 2017 година, но битолскиот клуб како што брзо блесна, уште побрзо тресна и стигна до втората лига. Сега, битолчани мака мачат да опстојат, а поблизу им е третата лига, отколку да се вратат во елитата.

И колку понижувачки и поразително звучи, кога голманот кој е мајстор за бранење пенали во интервју за босанските медиуми ќе посочи, дека условите за игра во БиХ и Македонија се исти, ама финансиските услови се подобри!

„Првпат бранам во БиХ и засега е сè како што треба. Задоволен сум како сум примен, мислам дека сите од мене се задовлони. Фудбалот во БиХ и во Македонија не се разликуваат премногу. Се игра доста слично, но може да се каже дека условите во БиХ се многу подобри, посебно кога финансиите се во прашање“, вели Петровски, инаку јунак на последниот меч со осум интервенции.

И сега некој во ФФМ треба да се замисли, како македонскиот фудбал се развива, кога финансиски за најосновните плати, второлигашката конкуренција од БиХ е попривлечна за македонски фудбалери, отколку прволигашката. И не треба да чуди, кога во земјава фудбал се игра и за 300 евра, па и тие пари доцнат, а фудбалерите се мачат да ги добијат редовно. Тие пак што се божем „побогати“, делат плати со дебело доцнење и до шест месеци.