Добра вест од Загреб: Повредата е минато за Адеми, спремен е за стартот во Лига Европа!

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, капитенот на хрватскиот првак Динамо Загреб ја надмина повредата поради која прескокна два меча за националниот тим и го одигра само историскиот меч со Косово на 8 октомври (2-1).

Адеми, кој стисна заби цели 80 минути во битката со Косовците, имаше незгодно истегнување на задната ложа на бутот и поради таа повреда, отпадна од националниот тим за пресметките со Естонија на гости (3-3) и Грузија дома (1-1) во Лигата на нации, но сега добра вест доаѓа од Загреб дека повредата за фудбалерот за врска е минато и тој е подготвен за стартот на новата сезона во Лига Европа.

Тој е исклучително важен за составот на Игор Ангеловски, па неговото враќање во погон за Динамо е добра вест, навреме да се врати во препознатливиот ритам, откако го прескокна и мечот со Горица во хрватското првенство викендов, за во максимална форма да биде за собирот на репрезентацијата за две недели и тоа пред најважниот меч со Грузија во Тбилиси, кога ќе бркаме виза за настап на Европското првенство догодина.