Доскорешниот напаѓач на македонскиот вицешампион Вардар, Дејан Блажевски денеска и официјално беше промовиран за нов фудбалер на албанска Тирана, која во следната сезона ќе игра во суперлигата кај нашиот западен сосед.

За Блажевски, Албанија е трета дестинација во својата кариера, откако претходно играше во Грција и во Азербејџан, а покрај за Вардар беше дел и од Хоризонт Турново во екот на најдобрите резултати на овој македонски клуб.

Блажевски со Тирана потпиша едногодишен договор со опција да го продолжи истиот за уште една година. Тој во Вардар дојде во 2015 година, доминираше со црвено-црните во три сезони, освојувајќи шампионски трофеи, а потоа беше дел од златната генерација која првпат во историјата на македонскиот фудбал играше во групна фаза во Лига Европа. Од Вардар си замина летово, откако му заврши договорот.