Чеферин дојде во Грција за да помогне да се исчисти фудбалот од сите зла!

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин допатува денеска во Грција на барање на премиерот на нашиот јужен сосед, Киријакос Мицотакис за да помогне да се исчисти фудбалот во оваа земја од сите зла, пред сè од огромното насилство и преголемата корупција.

Чеферин денеска ќе има состанок со првиот човек на фудбалската федерација на Грција, за да се запознае со планот за реформи на грчкиот фудбал, а утре ќе има средба со премиерот Мицотакис, кој ќе побара од него „зелено светло“ за да расчисти со сиот криминал што со децении е наталожен во фудбалот, а посебно и со насилството кое одамна е еден од главните проблеми на грчкиот фудбал.

Мицотакис од Чеферин ќе побара да се исфрлат грчките клубови на неодредено време од европските мечеви, а дури и суспензија на лигата ако планот за реформи на фудбалот во оваа земја не биде прифатен од елитното друштво во грчкиот фудбал. Грчкиот премиер од Чеферин ќе бара амин за УЕФА да не реагира околу „мешањето на политиката“ во фудбалот, па Грција да не добие комплетна суспензија за репрезентациите, кога веќе тргнува во борба за чистење на клупскиот фудбал.

Хаосот во Грција избувна откако владина комисија утврди и поднесе пријава дека два клуба од елитата имаат ист газда, што е спротивно на законите и правилниците, а станува збор за солунски ПАОК и Ксанти. Газда на ПАОК е Иван Савидис, руски тајкун, бивш човек на КГБ, кој пред година ипол со пиштол трчаше на теренот на „Тумба“. Ксанти, пак, ја води групација на фирми со седиште на Кипар, за кои Грците дошле до сознанија дека се на Савидис.

Грција е втора земја во регионов која бара помош од УЕФА за справување со проблемите во фудбалот, откако на Кипар веќе побараа поддршка, а институционално најавија мерки за да се запре со криминалот во овој спорт. И во двете земји, проблематично е што судии добиваат смртни закани, па во Грција, ВАР-судија беше нападнат во својот дом со молотови колктели од хулигани, а на Кипар беше дигнат во воздух автомобил на арбитар.