Чеде Јаневски ќе биде нов тренер на ЦСКА Софија (ФОТО)

Доскорешниот кормилар на најтрофејниот македонски клуб Вардар, Чедомир Јаневски од петок најверојатно ќе стане нов тренер на бугарскиот великан ЦСКА Софија, најави ексклузивно весникот „Меридијан меч“.

Со наслов „Македонското чудо ја презема ЦСКА“, бугарскиот спортски весник објавува дека в петок Јаневски ќе ги има финалните преговори со поранешниот шампион, по што ќе биде јасно дали ќе седне на клупата на бугарскиот тим. ЦСКА е најтрофејниот бугарски клуб со 31 шампионска титула, но последен пат на пехарот „црвените“ се радувале во 2008 година.

Јаневски би бил третиот македонски тренер кој би седел на клупата на овој бугарски великан по Ѓоко Хаџиевски во 1993/94 и Ѓоре Јовановски во 2010 година.

Поранешниот македонски селектор во својата кариера на Балканот, освен во Вардар, каде не мина ни цела една сезона, беше тренер и на Црвена Звезда, а помошник во грчки Олимпијакос. Јаневски во Вардар дојде во август лани пред двомечот на црвено-црните со Фенербахче, по што го запиша најголемиот успех во историјата на македонскиот фудбал со пласманот во групната фаза во Лига Европа, но си замина пред повеќе од еден месец по слабите резултати во домашното првенство.