Бишчан за Велковски: После два напорни меча за Македонија беше критичен, но...

Македонскиот репрезентативен стопер Дарко Велковски синоќа се повреди по само 16 минути игра на „јадранското дерби“ за својата Риека против сплитски Хајдук (1-1) и повторно на централниот дефанзивец му „откажа“ задната ложа, поради која имаше сериозни проблеми откако дојде во бившиот хрватски клуб.

ЗЛАТКО КРСТЕВСКИ

Велковски сега е многу неизвесен дали ќе успее да се стави на располагање на селекторот Игор Ангеловски за три недели, кога повторно репрезентацијата ќе се собере за претпоследната рунда на евроквалификации, со Словенија во Скопје на 10 октомври и со Полска во Вашава на 13 октомври. Велковски, иако не играше многу од стартот на сезоната (само два меча), беше стандарден на двата дуели за црвено-жолтите против Израел (1-1) и против Летонија (2-0).

„Дарко Велковски едноставно овие десет дена не беше со нас. А, патем одигра два меча после долго време и тоа беа два меча кои беа доста захтевни и напорни и поради тоа – беше критичен. Може да се бара наша одговорност, не е проблем дали ние бегаме од тоа, но откако Дарко се врати од репрезентативните обврски не тренираше премногу, а и тие тренинзи не беа со висок интензитет. Плус имаше и два дена одмор за да се подготви што е можно подобро. Сепак, играчите кои не играат долго време, кога ќе влезат во силен ритам се ризични за вакви повреди. Нас тоа ни се случи и со Чолак, па со Кврзиќ, но тогаш имавме посилен ритам од овој. Имавме противници какви што имавме, а немавме адекватни замени и момците на крај се трошат“, вели Игор Бишчан, тренерот на Риека.

Поранешниот хрватски репрезентативец, кој сега го води бившиот шампион го вклучи алармот после поредата на Велковски, зашто во серија фудбалери на овој тим се повредуваат, а сето тоа не е нормално.

„Количината на повреди не е нормална. И ние ја анализиравме ситуацијата и не најдовме конкретен заклучок зашто ова ни се случува. Сега може да нагаѓаме дали е вака или така, ама факт е дека – повредите се тука. На крај ќе мора да го објавиме планот на тренинзи и што и како се работи, за да не излезе дека нешто криеме. Но и од тоа нема некоја корист, времето наназад не може да го вратиме. Јас мислам дека треба и посилно да тренираме, зашто тоа им недостига на фудбалерите, ако сакаме да се развиваме. Ако мислиме да се развиваме, мора посилно да тренираме, но...“, додава Бишчан.