Атанасов доби нов тренер во Хајдук: Наместо Португалец, „билите“ ги презема – Италијанец

Младинскиот македонски репрезентативец Јани Атанасов доби нов тренер во сплитски Хајдук, но не во Португалецот Жорге Силас кој беше најауван како сигурно решение, туку во Италијанецот Паоло Трамецани (50).

Трамецани го презема Хајдук, а тој кариерата ја почна како помошник на Џани Ди Бијази кој беше селектор на Албанија и го предводеше западниот сосед на првото Европско првенство во 2016 година во Франција. После ЕП тргна во самостојна тренерска кариера, па му беше тренер на Езџјан Алиоски, кој во Лугано имаше извонредни настапи и овој тренер го однесе првпат швајцарскиот клуб во Лига Европа и доби награда за тренер на сезоната во Швајцарија.

Потоа беше тренер на Сион (2017), па на кипарски АПОЕЛ со кој освои двојна круна на Кипар во 2018 и беше прогласен за тренер на годината. Во 2019 беше тренер на италијанскиот второлигаш Ливорно, а последен клуб му е лани повторно Сион.

Атанасов во Хајдук е од летоска кога дојде како слободен играч после раскинувањето на договорот со турска Бурса.