Артим Шаќири за нецели пет месеци си замина од приштински Фљамуртари

Поранешниот македонски репрезентативец Артин Шаќири не е повеќе тренер на Фљамуртари од Приштина (Косово), откако синоќа си поднел оставка после само десет меча на кормилото на овој клуб.

Шакири на 31 мај официјално седна на клупата на Фљамуртари, а после нецели пет месеци заминува, откако на последниот меч ремизираше неговиот тим без голови со Дреница, а по десет рунди во косовското првенство, приштинскиот клуб има само две победи и вкупно девет бода.

Шаќири поднел оставка на тренерската функција, а за косовските медиуми објавил дека ремито не била причината, туку – приватни причини.

„Дури и да победевме, јас ќе си заминев. Имам приватни причини кои ме туркаа да си заминам“, рекол Шаќири.

Македонската легенда играше во црвено-жолтиот дрес од 1996 до 2006 година и има 75 настапи за националниот тим (15 гола), а стружанецот во својата кариера која ја почна во Караорман, беше шест години дел од Вардар (1994-2000), со една сезона измеѓу мината во шведски Халмштад, па во новиот милениум во Тенис Борусија, а потоа играше и за Хит Горица, Коротан, Малатијаспор, ЦСКА Софија, англиска ВБА, Алборг, Интер Турку, Вадуц, Беса, Карабах и за тетовска Шкендија.

Како тренер почна една сезона во Шкендија (2012/13), па една во албански Кукс (2014/15), а сега само пет месеци во косовски Фљамуртари.