Анталија не го дава Јаховиќ: Центарфорот побарал да го продадат ама – попусто!

Поранешниот македонски репрезентативец Адис Јаховиќ извесно е дека ќе остане дел од Анталијаспор ѝ покрај интересот од истанбулскиот великан Бешикташ за да го ангажира, откако голгетерот вторпат за три години ја освои „бронзената копачка“ во турската Суперлига.

Според „Фанатик“, иако за Јаховиќ имало сериозен интерес од Бешикташ и новиот првак Истанбул Башахшехир, а двата клуба ќе играат во ЛШ (црно-белите преку квалификации ќе се борат за место во елитата), Анталија не му дала дозвола за трансфер на македонскиот центарфор.

Јаховиќ побарал да биде продаден, ама добил негативен одговор. Тој има договор со Анталија до јуни идната година, па иако имал состанок со клупското раководство и побарал трансфер за да ја забрза работата и да се пресели во Истанбул, сепак Анталија нема намера да се откаже од него и како што стојат работите станува извесно дека и во новата сезона ќе го носи црвено-белиот дрес.

Јаховиќ во Турција игра од 2016 година, прво во дресот на Гецтепе, па во Коњаспор, потоа замина во Јени Малатија, а зимоска се пресели во Анталија за 1,5 милиони евра вреден трансфер.