Ангелов тргна со голови во Романија после една недела откако дојде во Волунтари

Поранешниот член на златната генерација на младинската репрезентација од Евро 2017 година, Виктор Ангелов почна да ги тресе мрежите во Романија, откако неодамна од босански Широки бријег се пресели во Волунтари, па со неговиот гол освоија бод против Универзитатеа Крајова (1-1) во мечот од 19-то коло во романското првенство.

Ангелов, кој пред една недела дебитираше за Волунтари и веќе одигра два меча за новиот клуб, денеска погоди после 10 минути игра, но тој гол не беше доволен за победа, зашто Универзитатеа на средина од полувремето успеа да израмни, па погодоците во првата половина од првото полувреме се покажаа како решавачки за бодот.

Македонскиот интернационалец играше до 71-та минута и Волунтари го запиша четвртото реми сезонава, но останува трет одзади во романскиот шампионат, за разлика од Универзитатеа, која врза пет ремија во серија од шесте сезонава и е третопласирана.

Виторул Констанца, каде од зимава игра Давид Бабунски, исто така член на златната младинска репрезентација и екс-сениорски репрезентативец ремизираше 3-3 дома со Сепси, а фудбалерот за врска кој дојде од Ботошани не влезе во игра.

Ангелов е поранешен фудбалер на Металург, кој играше за Ујпешс и Работнички, пред да се пресели во Широки, а зимава да замине во романскиот клуб.