Адеми влезе во историјата на Динамо – фудбалер со најмногу настапи во Европа

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, капитенот на загрепски Динамо се запиша синоќа во историјата на „модрите“ како фудбалер со најмногу настапи во Европа во дресот на хрватскиот првак, откако го одигра својот 77-ми настап.

Фудбалерот за врска со својот 77-ми настап го надмина поранешниот динамов фудбалер Самир, кој досега беше рекордер со 76 меча во Европа за Динамо, а бидејќи Адеми има договор до 2023 година со загрепчани, ако го испочитува до крајот, практично е близу да стигне и до јубилејни 100 меча во европските натпревари.

„Среќен сум, голема чест е што станав рекордер. Ама, нема време са славје. Имаме згуснат распоред, Славен Белупо, па ЦСКА, па Риека... Мора добро да одработиме, после ќе славиме. Тоа што пет меча немаме примено гол? Не знам што да кажам – нешто невозможно! Но, мислам дека покажува дека сме една сериозна екипа, покажува сериозност и гард. Мислам, секоја чест и на одбраната и на нападот – секоја чест на сите“, рече Адеми.

Тоа што е сигурно, откако Динамо обезбеди пролетни елиминации во шеснаестинафиналето во Лига Европа, Адеми сезонава бројката на мечеви може да ја искачи најмалку до 79, а и да ја пројде 80-ката, ако Динамо го мине првиот елиминациски филтер.

Својот прв европски меч Адеми за Динамо го одигра пред една деценија, на 4 август 2010 година кога Динамо испадна од Шериф Тираспол, а тој веќе ќе имаше веројатно 100 меча до сега, ако не беше допинг-аферата по грешка на Динамо, па тој прескокна четири европски меча во сезоната 2015/16, како и комплетните евросезони во двогодишната пауза во сезоните 2016/17 и 2017/18.

Македонскиот репрезентативец кој на лето ќе игра на ЕП во досегашните 77 меча даде девет гола, скоро сите клучни, заработи 23 жолти, но ниту еден црвен картон. Првиот гол го даде против Фола Еш во 2013 година, а последните со Флора Талин пред повеќе од два месеци за да го обезбеди пласманот во групите на својот тим.