Адеми: Овој Динамо може многу далеку, сѐ уште не сме ги исполниле очекувањата!

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, капитенот на хрватскиот првак Динамо Загреб, заедно со соиграчот од националниот тим Стефан Ристовски, утре против Краснодар ќе се борат за заверка на осминафиналето во Лига Европа во Загреб, откако во Русија минатата недела победија со 3-2 во првиот меч од првата елиминациска фаза.

Адеми е незаменлив во средниот ред, а Ристовски покажа по доаѓањето од Спортинг Лисабон дека ќе биде големо засилување за „модрите“, па капитенот на загрепскиот тим пред реваншот со Краснодар посочи дека самиот настап во пролетните елиминации не е краен дострел на овој тим, туку Динамо може многу подалеку да стигне во второто по ранг европско натпреварување.

„Овој Динамо може многу повеќе и многу далеку да стигне. Мислам дека сѐ уште не сме ги исполниле очекувањата“, вели Адеми.

Пртед две сезони, Динамо дојде до осминафиналето кога беше елиминиран по продолженија од Бенфика, казнет за промашувањата со кои можеа да стигнат и до четвртфинале, па сезонава амбициите на „модрите“ се најмалку да се најдат и меѓу најдобрите осум во Лига Европа.

„Утре мора да сме уште подобри ако сакаме да одиме понатаму, прво мора да ја поправиме реализацијата, зашто во Русија имавме многу шанси, кои не ги реализиравме. Мораме да играме уште поцврсто и посилно, а Краснодар е доста незгодна и опасна екипа, која има одлични индивидуалци кои сешто може да направат. Очекувам дека ние сепак ќе бидеме вистинските и ќе се пласираме во осминафиналето“, додава Адеми.