Адеми остана без тренер во Динамо Загреб

Македoнскиот репрезентативец Аријан Адеми, кој е капитен на загрепски Динамо остана денеска без тренер откако досегашниот кормилар Марио Цвитановиќ си поднесе оставка по втората бламажа за три дена со поразот со 1-4 од филјалата на „модрите“, Локомотива Загреб.

Динамо во средата доживеаа дебакл и од актуелниот првак Риека со 1-4, па осумте примени гола за два меча во само три дена ја прелија чашата и Цвитановиќ реши да отстапи од кормилото на најтрофејниот хрватски клуб.

„Овој ден е најмачен за мене, не само во играчката или тренеркстаа кариера, туку во целиот живот. Тимот на Динамо вреди и во првиот дел од сезоната покажа колку може, направивме предност, но тие порази од Хајдук и од Риека оставија голема трага. Денеска е кулминацијата на емоционалната потрошеност и празнината на играчите. Нозете сакаат, ама срцето и главата не можат. Сето тоа што се случува околу тимот влијае на фудбалерите. Оваа моја одлука е единствено исправна и јас му посакувам на Динамо да ја освои титулата. Ништо не може да го спречи овој тим да биде шампион“, рече Цвитановиќ.

Тој го наследи Ивајло Петев на клупата само два дена пред да почне актуелниот шампионат и требаше да биде тренер на долг рок, но Цвитановиќ не издржа ни цела сезона.