Адеми ќе го скокне и дуелот на Динамо со Шахтер во ЛШ?

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми не играше против Полска во неделата поради оток на стапалото и скочниот зглоб, откако се повреди пред крајот на мечот со Словенија во Скопје, ама по се изгледа повредата не е така наивна, зашто фудбалерот за врска е многу неизвесен за настап против украински Шахтер во Лигата на шампионите за една недела.

Хрватските медиуми синоќа објавија дека Адеми е крајно неизвесен за настап и дека сега откако се вратил во Загреб ќе оди на дополнителни прегледи и на магнетна резонанца за да се утврди степенот на повреда и евентуалната рехабилитациска програма по што ќе биде јасно колку би требало да паузира.

„Адеми се повреди на мечот за Македонија против Словенија, доби силен удар во зглобот, па не играше со Полска. Кога се врати во Загреб, Аријан заврши на терапии, а добра вест е дека во Македонија направил рендген, кој покажал дека нема сериозни оштетувања на зглобот, па сега ќе мора на магнетна резонанца. Зглобот во последните денови Адеми многу го болеше, вчера малку е подобро, ама јасно е дека ќе мора да паузира. Дополнително ќе се види дали ќе може да биде подготвен за во вторник во Харков“, пишуваат хрватските медиуми

Освен Адеми, со иста повреда е и Бруно Петковиќ, напаѓачот на „модрите“, па овој двоец сега е голема грижа за тренерот Ненад Бјелица, зашто пресметката со Шахтер во Харков може да биде еден од клучните мечеви во обидот загрепчани дури да се изборат за второ место и пролетни елиминации во ЛШ, а Адеми и Петковиќ се и тоа како важни алки во тимот.