Адеми брзо доби нов шеф: Зоран Мамиќ привремено ќе биде тренер на Динамо!

Зоран Мамиќ, спортскиот директор на Динамо Загреб и брат на контроверзниот Здравко Мамиќ ќе му биде нов шеф на македонскиот репрезентативец Аријан Адеми до крајот на „сезоната“ на „Максимир“ откако привремено ја презема функцијата после заминувањето на Игор Јовичевиќ од клупата на хрватскиот првак.

Мамиќ е поранешен фудбалер и капитен на Динамо за кој има 124 настапи, а и поранешен тренер на тимот, па сега повторно седнува на клупата како спасител и в.д. тренер во период кога „модрите“ иако ја одбранија титулата, се во сериозна криза која ги загрижува сите во Загреб во пресрет на новите квалификации и високите цели повторно да играат во Лигата на шампионите. Јовичевиќ издржа само месец ипол како прв тренер на „модрите“, наследувајќи го Ненад Бјелица на клупата, а Мамиќ сега е трет тренер во оваа сезона.

„Ситуацијата е таква да не смееме да си дозволиме погрешен чекор. Европските натпреварувања се близу, а сите знаме колку значи играњето во Европа на Динамо и за хрватскиот фудбал. Со овие три меча ќе добиеме на време да донесеме конечна одлука кој ќе го води Динамо во следната сезона“, вели Зоран Мамиќ.

Неговиот брат кој е осуден за тежок криминал за финансиски малверзации со трансфери, затајување данок и корупција се крие во БиХ, но останува алфа и омега во Динамо и во хрватскиот фудбал, па одлуката Зоран да седне на клупата воопшто не ја изненади јавноста.

Во изминативе 24 часа се шпекулираше со многу имиња кои би можеле да го наследат Јовичевиќ, меѓу кои и Гоце Седлоски, кој е тренер на вториот тим, а како главен фаворит се посочува легендарниот Роберт Просинечки, актуелен тренер на турска Коњаспор.