Цел Балкан на Мавровскиот меморијал, ама и швајцарски и руски скијачи

Традиционалниот Мавровски меморијал, кој по 57 пат ќе се одржи во нашиот скијачки центар Маврово од 24 до 26 февруари ќе ги собере сите нордиски скијачи од Балканот, но првпат ќе има натпреварувачи и од Швајцарија и Русија.

Традиционалниот меморијал се одржува секоја година во чест на 36-те загинати градители на електро-системот Мавровка и 14-те храбри граничари кои ги загубија животите во снежната лавина во 1956 година. На пареката „мирна долина“ сега ќе учествуваат бројни нордијци на традиционалната трка која се одржува од 1962 година.

„Овој настан е во редот на настани кои се на светската мапа за нордиско трчање и затоа и оваа година ќе се потрудиме да оставиме впечаток на добри домаќини и организатори, и да го направиме овој ФИС-натпревар еден од најдобро организираните меѓународни настани на Балканот“, рече директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.

АМС како и секоја година финансиски и логистички го поддржува Мавровскиот меморијал на кој годинава ќе учествуваат претставници од Србија, Црна Гора, БиХ, Хрватска, Грција, Турција, Бугарија, а за прв пат и натпреварувачи од Швајцарија и Русија.

Во извонредно силната конкуренција, нашата репрезентација ќе настапи со 10 натпреварувачи меѓу нив и моментно нашиот најдобар нордиец Ставре Јада.

Пренос од двата дена на Мавровскиот меморијал ќе има на телевизијата „24“.