Зверев: Ми велеа дека многумина се подобри од мене, а јас сега имам – злато!

Новиот олимписки шампион во тенис, Германецот Александар Зверев го растури Русинот Карен Хачанов со 6-3, 6-1 за олимписко злато во Токио на тенискиот турнир, што е негов најголем успех во кариерата.

Зверев после освоеното злато им порача на многуте стручњаци кои го гледаа како тенисер од „втор ранг“ дека направиле голема утка во нивните проценки. Тој во полуфиналето со епски пресврт го мина најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, а во финалето загуби само четири гема.

„Сите тениски стручњаци и бивши играчи постојано ми велеа дека еден куп други тенисери се подобри од мене, ама... Јас имам – олимписко злато! Имам 16 трофеи, четири мастерси, мастерс-финале и ова злато. Оваа победа не можам да ја споредам ни со една друга, најголема е. Неверојатна е вредноста на олимпиското злато. Сега веќе нема да имам само златни ланчиња, туку околу врат имам златен медал“, рече Зверев

Тој посочи дека од дете сонувал дека ќе игра на ЛОИ и дека ќе освои медал.

„Од дете си замислував како играм на едни ЛОИ и сега имам златен медал околу врат, па не можам ни да опишам како се чувствувам. Ниту една секунда не играв за себе, туку за сите спортисти, за семејството, за родителите, за ќерката... - за цела Германија“, додаде Зверев.