Зверев има посебен мотив: Ако го освои Австралија опен, парите ќе ги даде за жртвите од пожарите!

Германскиот тенисер Александер Зверев најави дека ќе ја донира целосната парична награда на жртвите од пожарите во Австралија доколку ја освои титулата на првиот гренслем-турнир во годината.

Зверев на почетокот на првиот гренслем-турнир го победи Марко Чекинато со 3-0 во сетови, а претходно најави донација од 10.000 долари за секој триумф во Мелбурн.

Седмиот носител на турнирот призна дека не е фаворит за освојување на трофејот, но доколку успее да го освои, тогаш ќе го донира наградниот фонд од 2,84 милиони долари.

„Јасно е дека имам повеќе среќа од останатите луѓе. Секој цент може да помогне на австралискиот народ, животни и природата. Доколку го освојам турнирот, ќе бидам најсреќниот човек на планетата. Мислам дека тие пари би биле од поголема корист на тие што знаат што да направат со нив, а знаат како да им помогнат на другите“, кажа Зверев.

Зверев е задоволен што во првото коло на гренслемот одигра подобро отколку на АТП Купот, каде што имаше големи проблеми со сервисот.

„Сите забележаа дека не играв добро на АТП Купот. Се мачев со сервисот, ударите од основната линија, а мислам дека сега бев многу постабилен и тоа е позитивно за мене“, вели тенисерот.