Федерер и Надал од иста страна на мрежата...па кој би се нафатил да игра против таква несовладлива сила. За жал, мораа Сем Квери и Џек Сок и загубија, но барем земаа еден сет.

Станува збор за првото издание на Лејвер куп, егзибициски турнир, кој има намера да стане традиционално тениско шоу во иднина. Именувано по легендарниот Род Лејвер, ова тениско натпреварување претставува соочување на Европа против Светот.

Како дел од тимот Европа, Рафаел Надал и Роџер Федерер добија шанса да играат како партнери во двојки и ги совладаа Американците Сем Квери и Џек Сок со 6-4, 1-6, 10-5. По оваа победа во двојки и по осум меча во два дена Европа води со 9-3 во поени и потребни ѝ се уште две победи во денешниот последен ден за да стигне до 13 бода и да го добие инаугуралното издание на Лејвер куп.

Се играат по четири меча на ден, три сингл, еден во двојки. Бодувањето е специфично, затоа што во првиот ден, за победа се добива еден поен, во вториот по два, а во денешниов, трет ден по три. Тоа значи дека Светот со два меча би можел да израмни, но тешко дека има капацитет за такво нешто со оглед на имињата во тимовите.

Во Европа се Рафаел Надал, Роџер Федерер, Александар Зверев, Марин Чилиќ, Доминик Тим и Томаш Бердих, а за Светот играат Сем Квери, Џон Иснер, Ник Кирјос, Џек Сок, Денис Шаповалов и Френсис Тиафо. Првите четворица во екипите доаѓаат според ранкингот на АТП-листата, а последните двајца се бирани по желба на капитените на екипите, во случајов Бјорн Борг на Европа и Џон Мекинтро на Светот.

Досега, на првиот ден Чилиќ го победи Тиафо, Тим го доби Иснер, а Зверев - Шаповалов. Светот победи во двојки на првиот ден, Кирјос/Сок против Бердих/Надал, но на вториот ден повторно доминација на Европа, Федерер го победи Квери, Надал беше подобар од Сок, а двајцата победија во споменатиот меч во двојки, единствено Кирјос го надигра Бердих. Турнирот се игра во Прага.