Тенисерката број еден тргна со победа во Сингапур

Симона Халеп немаше проблеми во својот прв меч на ВТА завршниот турнир во Сингапур.

Првата светска тенисерка ја совлада во два сета Каролин Гарсија од Франција. Ова немаше да делува како некоја посебна вест, ако Гарсија не беше среде неверојатен напредок, со 11 победи едноподруго и со рекорд на кариерата на осмото место во светот.

Сепак, Халеп покажа дека има енергија во себе и во оваа последна фаза од сезоната славејќи со 6-4, 6-2. Првиот сет беше потежок, бидејќи и двете тенисерки по еднаш го загубија сервисот, но кога Гарсија требаше да сервира за опстанок при негатива од 4-5, попуштија нервите.

Во вториот сет клучни беа третиот и четвртиот гејм. Тогаш Халеп направи брејк за 2-1, а потоа на свој сервис го потврди и покрај тоа што Французинката имаше три брејк-шанси.

Ова беше прв меч од црвената група на завршниот турнир во Сингапур, а во вториот играат Каролин Вознијацки и Елина Свитолина. Вчера, во белата група Плишкова и Мугуруса исто така победија лесно во два сета.

Овој турнир не само што е важен самиот по себе, туку ќе одлучи која тенисерка ќе ја заврши годината како прворангирана. Во моментов Халеп води со само 40 бода повеќе од Мугуруса.