Скандал во Мелбурн: Нишикори победи по пет часа, Шпанецот Буста дивееше на теренот! (ВИДЕО)

Јапонецот Кеи Нишикори се пласира во четвртфиналето од првиот гренслем-турнир Австралија опен, откако денеска по епска борба која траеше повеќе од пет часа го совлада Шпанецот Карењо Буста со 3-2 во сетови (6-7, 4-6, 7-6, 6-4, 7-6).

Мечот, сепак, нема да се памети по драматичноста и големиот пресврт туку поради скандалот во тајбрејкот во решавачкиот сет и тоа поради судиска грешка при водство на шпанскиот тенисер со 8-5 (се игра до 10 поени). Топчето кое го упати Буста удри во мрежата и падна на линијата по што Нишикори заврши со смеч и лесен поен. Но, пред Јапонецот да смечува линискиот судија викна аут, по што Шпанецот побара челенџ со успешен епилог. По правилата, поенот мораше да се повтори, но главниот судија неочекувано му го додели поенот на јапонскиот тенисер, кој ја намали негативата.

 

 

Поради ова, Карењо збесна и долго се расправаше со делителот на (не)правдата, кој никако не сакаше да ја смени одлуката. Ваквиот развој на настаните и тоа како влијаеја врз Шпанецот, кој психички падна и му дозволи на Нишикори да направи голем пресврт и да дојде до конечната победа.

По мечот, Буста продолжи да беснее, почна да ја фрла опремата и да вика по судијата, по што како фурија излета од теренот.