Шаповалов освои еден сет и го налути Ѓоковиќ

Новак Ѓоковиќ за прв пат загуби сет на Австралија опен годинава и тоа во третото коло против Денис Шаповалов, но фаворитот број 1 за трофејот немаше проблем да дојде до победата. 

Србинот славеше со 3-1 и проблеми имаше само во третиот сет, кој го загуби со 4-6, откако првите два ги освои со 6-3 и 6-4. Во последниот четврти сет буквално го прегази противникот и не му препушти ниту еден гем, односно славеше со 6-0 и се пласираше во осминафиналето.

Таму Ѓоковиќ ќе игра против Данил Медведев, кој утринава беше подобар од Давид Гофан во три сета со 6-2, 7-6 и 6-3. Александер Зверев исто така е во четвртата рунда по триумфот од 6-3, 6-3 и 6-2 против Александер Болт. 

Кеи Нишикори обезбеди место во осминафиналето по победата над Жоао Соуза од 7-6, 6-1 и 6-2. Пабло Карено Буста во четири сета беше подобар од ФАбио Фоњини, а Милош Раониќ со 3-0 го совлада Пјер Ербер. Борна Чориќ го доби екс-југословенското дерби против Филип Крајновиќ со 3-1. 

Кај тенисерките, Серена Вилијамс и препушти само три гема на Дајана Јастремска и славеше со 6-2 и 6-1. Првата носителка, Симона Халеп со 6-2 и 6-3  ја победи Венус Вилијамс. Во следната рунда Романката ќе ги одмери силите со Серена Вилијамс.

 Медисон Кијс ја победи Елис Мертенс со 6-3 и 6-2. Наоми Осака играше три сета против Су- Веи Хсие, а понатаму оди и Елина Свитолина и Анастасија Севастова.