Познат хирург го предупреди Мареј: Опасно си играш со животот!

Поранешниот светски рекет број еден Енди Мареј, еден од четворицата најдобри тенисери на денешницата покрај Роџер Федерер, Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ, неодамна после две години пауза стигна до првиот трофеј со освојувањето на АТП-турнирот во Антверпен.

Шкотскиот тенисер до пред половина година дури и најави дека ќе се пензионира, откако од 2017 година немаше освоено турнир, а трпеше големи болки и имаше низа операции на колкот, по што на крајот му беше вграден вештачки колк. И многумина се сомневаа дека ќе може повторно да му се врати на тенисот, но Мареј успеа во тоа, дури и освои турнир, ама...

Ханес Ридер, еден од светски најпознатите хирурзи и светски стручњаци останал без зборови откако Мареј ја освоил титулата во Антверпен.

„Не очекував дека Енди ќе стигне повторно на ниво да освојува турнири, зашто тоа е 'невозможна мисија', ама морам да кажам – многу, премногу ризикува. Операцијата која му беше направена е позната како 'бирмингемско подмладување на колкот'. Во прашање е протеза, два метални делови. И во Швајцарија оваа метода се применува, но носи катастрофални последици“, вели Ридер.

Хирургот додава дека Мареј преземал преголем ризик за да ја продолжи кариерата.

„Тие протези траат пократко отколку другите методи, но се катастрофални за телото. При движењата, посебно нанапред и при нагло застанување се многу штетни. И тоа не мислам за професионални спортисти, каде сето тоа е уште полошо. Со абразијата на металот кобалт тој влегува во телото и го труе. Коските се трошат и доаѓа до оштетување, како и на нервните завршетоци. Едноставно, Енди си игра со животот. Јас оваа метода не ја препорачувам“, додава Ридер.