Осака е новата „кралица на пустината“: Прв ВТА-трофеј за Јапонката

Наоми Осаката го освои трофејот на женскиот дел од мастерс турнирот во Индијан Велс, откако во големото финале вечерва ја совлада Дариа Касаткина во два сета. 

Јапонката до својата прва ВТА-титула дојде полесно од очекуваното со 6:3 и 6:2. Со само 20 години таа стана најмладата шампионка на Индијан Велс по Ана Ивановиќ во 2008 година.

Интересно е тоа што ова беше првото женско финале на две тенисерки под 21 година уште од 2001 година, кога се сретнаа тогаш 20-годишната Серена Вилијамс и 18-годишната Ким Клајстерс. Осака им се придружи на Клајстерс и Вилијамс, како единствените три тенисерки што го освоиле трофејот во Индијан Велс, а не биле рангирани помеѓу фаворитките.