Нов удар за Австралија опен: Уште тенисери мораат во карантин по пристигнувањето

Моментално 47 тенисери се во 14-дневен карантин во хотелски соби во Мелбурн пред почетокот на Австралија опен. Денешните информации говорат дека и на трет лет кон Мелбурн во кој имало тенисери едно лице било позитивно на Ковид-19, што значи дека уште тенисери ќе мораат да одат во изолација. 

Засега не е јасно колку тенисери имало во летото од Доха до Мелбурн, но информациите се дека се работи за повеќе квалификанти. Австралија има строги мерки на претпазливост па затоа сите кои биле авионите во кои имало позитивен на Ковид-19, мораат во строг карантин од 14 дена.

Тоа значи дека веќе 47 тенисери, а сега ќе бидат и повеќе, не можат да тренираат во следните две недели. Ќе бидат затворени во своите хотелски соби, па се поставува прашањето во каква форма ќе го почнат Австралија опен, кој е закажан за 8 февруари.

Тенисерите и тенисерките не се воопшто среќни поради ваквите протоколи. Но, Австралија покажа дека е една од земјите која најлесно мина со светската пандемија.