Ништо од двобој Надал - Ѓоковиќ: Тим го суреди Србинот!

Осминафиналето беше крајниот дострел за Новак Ѓоковиќ на мастерс-турнирот во Монте Карло. Некогашниот број еден загуби од Доминик Тим во три сета, покажувајќи дека уште не е на рамниште на топ-10 играчите.

Тим влезе во мечот со скор од 1-5 во дуелите со Ѓоковиќ, но традицијата не игра улога ако има разлика во квалитетот. Таа се виде во вториот и третиот сет, откако првиот го освои Србинот во тајбрејк, со 7-2. Тим направи два брејка за 6-2 во вториот сет, а третиот го освои со 6-3.

Тим се пласира во четвртфиналето и го упропасти можното соочување на Надал и Ѓоковиќ. Сега тој би играл против Рафа, но прво Шпанецот треба да го победи Карен Качанов. Тим е единствениот тенисер, кој минатата сезона го совлада Надал на земја, во полфуиналето во Рим.

Тој е и последниот од топ-10 (во моментов седми), против кого се соочил Новак Ѓоковиќ. Тоа се случи на Ролан Гарос минатата година, но и тогаш Ноле загуби и тоа во три сета.

Овој нивен дуел требаше да биде заемна рехабилитација, Ѓоковиќ од операцијата на лактот, a Тим го мачеше зглобот на дланката. Ѓоковиќ немаше меч од крајот на јули, кога се врати на Австралијан опен, но загуби во осминафиналето, од младиот Кореец Чунг. Потоа следуваше мала пауза, па губеше во првото коло на Мајами и на Индијан Велс, а сега му се врати на стариот тренер, Марјан Вајда и се очекува да се врати во топ-10. Во моментов е на 13. место на светот.