Надал се повлече од Синсинати: Ѓоковиќ има отворен пат кон трофејот што му недостига

Експресно откако синоќа го освои АТП Мастерсот во Торонто, „Роџерс Куп“, шпанската тениска ѕвезда Рафаел Надал обелодени дека нема да учествува на претстојниот втор турнир во САД пред УС-Опен, Синсинати, со што му го отвори патот на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ да стигне до единствениот трофеј кој му недостига во богатата ризница.

Ѓоковиќ никогаш досега не го освоил Синсинати, прв противник му е Американецот Стив Џонсон, а откажувањето на Надал значи дека Србинот ќе има полесен пат, но ќе мора да биде на ниво од Вимблдон за да стигне до толку посакуваниот пехар. Ѓоковиќ во Торонто испадна од Гркот Стефанос Циципас, кој вчера во финалето загуби од шпанската ѕвезда.

„Знаете дека моја единствена желба е да играм, сакам да бидам секаде, го сакам овој спорт и не сакам да пропуштам настани. Но, ако некогаш не застанам, ќе застане моето тело. Тоа барем го знам од искуство. Затоа и решив за секој турнир до крајот на сезоната да разговарам со мојот тим. И со жалење морам да кажам дека нема да играм на Синсинати. Не постои друга прочина, освен дека се грижам за своето тело за да останам здрав, како што сум сега. Благодарам до директорот на Синсинати, кој ме разбра и убеден сум дека турнирот ќе биде сјаен. Жал ми е за навивачите, кои таму секогаш ми давале поддршка. Сигурен сум дека ќе се видиме идната година, а жал ми е што нема да биде сега“, рече Надал.

Синсинати почнува денеска и ќе трае до недела, по што по една недела пауза, на крајот на месецов почнува последниот гренслем во сезоната, УС-Опен.