Надал не сака да оди на гости кај Федерер во Базел

Рафаел Надал го откажа учеството на турнирот во Базел вреден 500 АТП поени. 

Шпанскиот тенисер само два пати во кариерата има играно на овој турнир, каде што е домаќин Роџер Федерер. На својот „Фејсбук“ профил Надал објави дека е премногу уморен да игра во Базел, а под знак прашалник е и учеството на мастерсот во Париз.

„По две сјајни недели во Кина, каде го освоив трофејот во Пекинг, а во Шангај загубив во финалето, време е за малку одмор. Сакам да им упатам специјална порака на моите бројни фанови во Швајцарија, кои секогаш ме подржувале, како и на натпреварите со Роџер“, напиша Рафа.

Интересно е тоа што Надал до крајот на сезоната може да го загуби првото место на АТП-листата од Роџер Федерер. Швајцарецот доколку го освои турнирот во Базел ќе има 1460 бодови помалку од Надал, а потоа ќе дојдат мастерсот во Париз и завршниот мастерс во Лондон. Тоа значи дека се во игра 2.500 поени, а Надал за да остане број 1 до крајот на сезоната ќе мора да освои минимум 1.050 бодови на овие два последни сезонски турнири.