Надал го совлада Кирјос за пласман во четвртфинале на Австралијан опен

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал успеа да го совлада Ник Кирјос со 3-1 во сетови, односно 6-3, 3-6, 7-6 и 7-6 и така обезбеди пласман во четвртфиналето на првиот гренслем-турнир во сезоната Австралијан опен.

Надал успеа да го добие првиот сет, откако направи еден брејк во четвртиот гем против Кирјос и така стигна до 6-3, по што Австралијанецот успеа на идентичен начин да врати во следниот сет и да израмни на 1-1.

Во третиот сет се водеше голема борба меѓу двајцата тенисери, а не беше забележан ниту еден брејк, по што Надал беше подобар во тај-брејкот со 8-6.

Надал со брејк тргна во четвртиот сет, кој се покажа и како последен, па поведе со 3-1,но Кирјос успеа да го врати загубениот сервис и израмни на 5-5, по што во тај-брејк поуспешен повторно беше Шпанецот со 7-4.