Надал: Да ми кажеше некој дека во 2022 ќе се борам за трофеј на АО, ќе го направев – луд

Рафаел Надал е првиот финалист на Австралија опен, откако утринава го совлада Матео Беретини (3-1), со што дојде на чекор до влез во историјата како прв тенисер кој дошол до бројката од 21 гренслем-титула.

Тој беше исцрпен по дуелот со Италијанецот, особено што и во претходната рунда имаше неверојатна пресметка во пет сета со Денис Шаповалов.

„Првите два сета против Беретини беа најдобри кои сум ги одиграл после долго време. Третиот го загубив, а потоа се борев и страдав на теренот, но за да успеете, мора да минете и низ тоа. Неверојатно е што повторно сум во финалето, повторно се чувствувам жив. По сѐ она што ми се случи, не верував дека ќе добијам нова шанса да се борам за трофеј во Австралија. Пред само три недели не можев ни да замислам дека ќе дојдам до финалето. Затоа, ова за мене е чудо, ги надминав очекувањата. Бев исцрпен по мечот со Шаповалов, но се рехабилитирав подобро од што мислев“, изјави Надал по мечот со Беретини.

Еден од тројцата со најмногу гренслем титули во моментов и самиот е изненаден од пласманот во финалето.

„Сега, сѐ се сведува на тоа да го освојам Австралија Опен, не мислам на ништо друго. Ова е фантастичен турнир, на кој многу пати немав среќа со повредите и загубив важни и тесни финалиња. Од Ѓоковиќ во 2012 година и од Федерер во 2017 година. Верувајте, некој да ми кажуваше дека ќе имам нова шанса за трофеј во 2022 година, ќе го направев луд“, дополни Шпанецот.

Противник на Надал за место во историјата ќе биде подобриот од второто полуфинале помеѓу Данил Медведев и Стефанос Циципас.