Мамиќ се јави: Тој што плука по Ѓоковиќ прво да ја дезинфицира устата!

Најбараниот хрватски бегалец, алфата и омега на Динамо Загреб, Здравко Мамиќ одамна го немаше со некој свој став во јавноста, па сега се појави за да застане во одбрана на српската тениска ѕвезда Новак Ѓоковиќ, кого во последно време го распнаа сите за „Адрија турот“, кој заврши предвреме поради појава на коронавирус од кој заболе и самиот Ноле.

Мамиќ кој е познат по многу контроверзни избори им порача на сите критичари на Ѓоковиќ кога ќе почнат да го споменуваат името на Србинот прво да ја дезинфицираат устата, а потоа да стојат мирно.

„Сакав нешто да напишам уште кога се појавија критиките, ама не сакав да им дадам шанса на сите тие кретени да се изживуваат над светото презиме, за да не го валкаат со моите судски предмети или нешто слично. Ама имам една порака кон сите кои негатовно зборуваат за Новак и неговата сопруга, прво пред да почнат да зборуваат да ја дезинфицираат устата. Тоа што семејството Ѓоковиќ и тој самиот го постигнале во спортот на хуманитарен план заслужува на секое споменување да стојат сите мирно“, објави Мамиќ.

Ѓоковиќ беше еден од заболените од „Адрија тур“, но веќе се излекува и тестот му е негативизиран, а новиот вирус се појави во Задар и почна од бугарската тениска ѕвезда Григор Димитров, по што уште неколку тенисери и тренери се заразија.