Македонските тенисерки поразени од Литванија во Фед-купот

Македонските тенисерки, Марија Еленова и Катарина Маринковиќ, храбро се бореа против нивните противнички од Литванија, но не успеаа да направат изненадување, иако до такво нешто многу блиску беше Еленова.

Еленова го почна добро мечот против Паулина Бакајте, па во еден момент водеше со 1-3 во гемови, но сепак, Литванката се врати во мечот и го освои првиот сет со 7-5.

Во вториот сет повторно беше забележана жестока битка меѓу двете тенисерки, а Еленова, повторно, имаше предност од 2-4, но не ја искористи и тенисерката од Литванија го освои сетот со 7-6, откако беше подобра во тај-брејкот со 7-0.

Маринковиќ немаше толку добар дуел против Јоана Еидуконте, која беше премоќна за нашата тенисерка и ја победи со 2-0 во сетови, односно 6-0 и 6-1.