Македонските тенисерки убедливо го надиграа Исланд

Македонската женска тениска репрезентација ја забележа првата победа во групните натпревари од третата евро-африканска зона во Фед-купот.

Нашите тенисерки го совладаа Исланд и покажаа дека се една класа над аутсајдерот во групата. Марија Еленова (18 год.) ја победи Софија Јонасдотир со 6-2, 6-1, не дозволувајќи ѝ на противничката ниту брејк-шанса, а Катарина Маринковиќ (19 год.) беше поуспешна од Ана Софија Гронхолм со 6-4, 6-2.

Со тоа Македонија ја осигура победата, без разлика каков ќе биде епилогот во двојки меѓу истиве тенисерки заедно. По максималниот пораз од Ерменија и денешнава победа над Исланд, на нашите тенисерки им останува уште утрешниот дуел со Литванија, која е апсолутен фаворит во групата. Македонија е рангирана на 73. место, Исланд на 105.

Во оваа зона од Фед-купот, се играат две групи во Тунис и две во Црна Гора. Македонија игра во Тунис, но без шанси да го освои првото место кое потоа пружа шанса за виза во втората евро-африканска зона.