Кирјос редовно го напаѓа Србинот Ѓоковиќ, ама ќе бил истепан од двајца – Хрвати!

Австралискиот тенисер Ник Кирјос, познат по своето контроверзно однесување и редовните напади на сметка на најдобриот на светот, Новак Ѓоковиќ, вчера ќе станел жртва на физички напад и тоа од двајца – Хрвати.

Инцидентот се случил во соблекувалната по сензационалната победа што ја оствари заедно со сонародникот Танас Кокинакис против најдобриот светски двоец, Никола Мектиќ и Мате Павиќ од Хрватска. За тоа што се случувало во соблекувалната информира самиот Кирјос.

„Само да ве инфомирам дека тренерот и кондицискиот тренер на моите противници се закануваат дека ќе ме тепаат. Тенисот е нежен спорт. Тоа е поради фактот што ги удирав со топчињата за време на мечот“, изјави Кирјос.

„Тоа беше лудо. Човекот мислеше дека се работи за УФЦ“, се надополни неговиот соиграч Кокинакис.

Во текот на мечот, Кирјос во неколку наврати ги удри своите ривали, што и не е изненадување во играта во двојки. Домашната публика беше на страната на Австралијците, сосема очекувано. Без разлика на тоа, вратија и од другиот табор.

„Тие се такви, навикнавме. Но, не би било проблем да покажат малку почит“, рече Павиќ после мечот.