Ѓорческа се враќа на грен-слемите, следен е Њујорк!

Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа, по пауза од една година се враќа на најголемата светска тениска сцена. Доби право да се натпреварува на УС-опен, се разбира, почнувајќи од првото квалификациско коло.

Иако во моментов е далеку од рангирање, кое ѝ овозможува место во квалификациите на големите четири турнири, сепак, поради принципот на селекторање учесници во Њујорк и фактот што лани за време на УС-опен беше во топ-200 на светот, таа доби привилегија. 

Ѓорческа паузираше неколку месеци поради повреда, а во последниве две-три недели се врати на пониските ИТФ-турнири и во моментов го држи 600. место на светот. Настапот во Њујорк ќе ѝ биде шести во квалификациите на големите четири турнири, откако од август 2016 до истиот период 2017 врза пет по ред. Најголем успех оствари на Австралијан опен 2017, кога стигна до последното, трето коло.

УС-опен оваа година почнува на 27 август, а квалификациските рунди на 21. Која ќе биде првата противничка на Ѓорческа ќе се знае во следниве денови.