Ѓоковиќ се помачи со Квон, но победнички тргна во одбрана на пехарот на Вимблдон

Актуелниот бранител на трофејот на најпрестижниот гренслем Вимблдон, Новак Ѓоковиќ победнички ја отвори одбраната на пехарот, иако Јужнокореецот Соново Квон, 81-ви на АТП го помачи Србинот во мечот кој заврши со триумф на фаворитот со 3-1 во сетови, 6-3, 3-6, 6-3, 6-4.

Ѓоковиќ дојде до воведната победа на „Ол Ингланд Клубот“, иако лошо тргна во мечот, па Квон дојде до 3-1 во гемови после првиот брејк во третиот, но набрзина Србинот освои пет гема во низа со два брејка за да го освои првиот сет за 6-3. Но, во вториот Квон возврати со иста мера, па израмни со освојување на вториот сет со 6-3.

Во третиот, Ѓоковиќ се мачеше со Јужнокореецот и до седмиот гем беа во егал, кога на сервис на противникот, Србинот го направи единствениот брејк за да исчекори кон освојување на истиот, па со свој сервис го завери. По исто сценарио се одвиваше и последниот четврти сет во кој Ѓоковиќ со еден брејк си го расчисти патот кон освојување и конечна победа.