Ѓоковиќ се „појави“ на протестите во Нови Сад и го вознемири режимот на Вучиќ (ФОТО)

Новак Ѓоковиќ повторно предизвика големо внимание во српската јавност со својата објава на социјалните мрежи (види ТУКА)по повод годишнината од трагедијата во Нови Сад, кога при пад на надстрешница на железничката станица загинаа 16 лица.

Со неа, најдобриот тенисер во историјата уште еднаш покажа дека отворено стои зад студентските протести против власта на Александар Вучиќ. Ѓоковиќ во серија „сторија“ на Инстаграм најпрво објави порака со датумот „1 ноември 2024 година“ и црна лента во знак на почит кон загинатите. Потоа ги сподели и имињата на сите 16 жртви на несреќата, меѓу кои имаше и деца, нагласувајќи дека „вистинската правда сè уште не ја дочекале“. Но, најмногу внимание предизвика третата објава – фотографија од протестите во Нови Сад, каде демонстрантите носеле картонска фигура со негов лик и порака „Новак е со нас“. Ѓоковиќ ја сподели таа слика со емотивен коментар и симболично ја поддржа борбата на студентите.

Додека првите две објави ги пренесоа и провладините медиуми, третата – онаа со протестната фотографија – целосно беше игнорирана. Само независни портали и неколку регионални медиуми ја споделија сликата, додека на социјалните мрежи се појавија бројни напади на сметка на Ѓоковиќ од страна на поддржувачите на режимот.

Популарниот Ноле уште на почетокот на годината јавно ги поддржа студентите кои бараат одговорност за трагедијата и транспарентност во истрагата. Тој потег беше дочекан со остри критики од круговите блиски до Вучиќ, по што тенисерот се повлече од јавниот живот во Србија и најчесто престојува во Атина со своето семејство.