Ѓоковиќ: Ова дефинитивно не е фер, губам 4.000 бодови без можност да ги бранам

Најдобриот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ се пласираше во второто коло на Ролан Гарос, по што даде коментар за одлуката на АТП да му ги одземе бодовите на Вимблдон како казна затоа што организаторите на турнирот ги суспендираа руските и белоруските тенисери.

Ѓоковиќ кажа дека АТП и Вимблдон уште водат преговори, затоа што оваа одлука не им се допаѓа на многумина, а тоа оди и на негова штета затоа што ќе загуби дополнителни 2.000 бодови и првото место на ранг-листата.

„Можеа да ги замрзнат бодовите за тие кои минатата година ги освоија. Ова не е фер кон мене, како и кон другите кои имаа одлични резултати минатата година. Бодовите се топат, а јас немам можност да ја бранам предноста. Јас ќе загубам 4.000 бодови оваа година без можност да ги бранам, и тоа поради Австралијан опен и Вимблдон“, вели Ѓоковиќ.