„Ѓоковиќ е совршен тенисер, тој нема ниту една маана!“

Рафаел Надал едвај го чека почетокот на следната сезона, за кога е најавено дека ќе се врати на терените, а во меѓувреме будно ги следи случувањата на турнирите, пред сѐ тие поврзани со неговиот најголем конкурент, Новак Ѓоковиќ.

Шпанецот и Србинот се изедначени по бројот освоени гренслем-пехари, по 20, колку што има и Роже Федерер, кој уште подолго е надвор од конкуренција. Надал во своето последно интервју подели неочекувани комплименти на сметка на српскиот тенисер.

„Ѓоковиќ е совршен и нема никаква маана. Може да игра на секаква подлога, неверојатно е константен, а дури и кога е во лоша форма до израз доаѓа неговата огромна желба за триумф. Среќен сум што играм во негово време“, изјави Надал.

Популарниот Рафа потенцира дека е среќен што полека ги средува проблемите со повредите и дека очекува наскоро да биде оној стариот.

„Сигурен сум дека ќе се опоравам максимално и дека повторно ќе бидам подготвен за големи работи. Повредата не е нешто ново, бидејќи такви проблеми имав и во 2005 година. Тогаш лекарите се сомневаа дека воопшто ќе се вратам, но јас не само што го сторив тоа туку бев меѓу најдобрите на светот. Верувам дека ќе биде така и овој пат“, дополни Надал.