Ѓоковиќ: Долго време мислев дека сум Супермен, ама добив – шлаканица (ВИДЕО)

Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, откри дека долго време верувал дека е Супермен, но последниве години морал да се соочи со природните ограничувања на телото.

Во искрен разговор со Пирс Морган, тој зборуваше за битката со младите ривали и процесот на прифаќање на новата етапа од својата кариера.

„Долго мислев дека сум Супермен, дека не можам да се повредам. Но последниве години добив шлаканица од реалноста. Телото има свои граници, а јас имам 38 години, скоро 39. Уште учам да го прифатам новото поглавје“, изјави Ѓоковиќ, нагласувајќи дека сега повеќе од кога било мора да се потпира на менталната сила и искуството.

Популарниот Ноле откри дека со текот на времето се менува неговиот пристап кон натпреварите и помладите противници, кои се и по 15 до 20 години помлади од него.

„Свесен сум дека тие, на својот врв, се подобри од мене. Тоа е реалност. Но, целата кариера ја градев врз визуелизација и ментални техники кои ми даваа сила и самодоверба“, објасни светскиот шампион.

Тој се наврати и на своето тешко детство, кое го обликувало како личност и спортист.

„Пораснав во време на војна, санкции и сиромаштија. Доаѓам од земја без тениска традиција, а избрав најскап спорт. Деведесет и девет проценти од луѓето мислеа дека губиме време. Но татко ми и јас верувавме. Тој веруваше во мене дури и кога јас не верував во себе“, рече Новак.

Иако призна дека времето не може да се запре, Ѓоковиќ јасно стави до знаење дека мотивацијата и љубовта кон спортот остануваат негов двигател.