Федерер се повлекува од тенисот идната година?

Најтрофејниот светски тенисер Роже Федерер, освојувач на 20 гренслем-трофеи во кариерата би можел во идната година да му каже збогум на тенисот и најверојатно тоа ќе се случи во родниот Базел на АТП-турнирот во октомври 2019 година.

Дел од медиумите го најавуваат крајот на кариерата на Федерер и се во исчекување на одлуката дали Швајцарецот ќе се реши по две години пауза да игра на земјени терени. Ако донесе таква одлука, тоа ќе биде сигнал дека 2019 е последна за извонредниот Швајцарец.

Федерер веќе две години ги прескокнува турнирите на земја и гренслемот во Париз, „Ролан Гарос“, ама ако сега се реши да игра, според медиумите, тоа ќе биде сигнал дека ќе сака да се поздрави за последен пат од публиката на овој престижен турнир

„Имам идеја како може сето тоа да изгледа. Но, планирањето е како пазл, па затоа за сè мора детално да се донесе одлука“, рекол Федерер, не откривајќи детали околу својата пензија.

Според многумина, ако 2019 година биде последна во неговата кариера, тогаш дефинитивно последниот и проштален меч ќе го игра на турнирот во родниот Базел, каде постојано ја освојува титулата.