Федерер откри дека последните месеци поминал низ пекол

Еден од најдобрите тенисери на сите времиња, Роже Федерер, освојуваќ на 20 грен-слем титули во кариерата за швајцарски „Блик“ откри дека поминал низ тежок и пеколен период во изминатите месеци, поради кои не играл на потребното ниво.

Федерер конечно откри дека повредата на раката го спречила да биде на врвно ниво и дека тоа било пречка за подобри резултати, откако неговите слаби настапи ги зачудија љубителите на тенисот. Швајцарецот откри дека имал сериозен проблем со раката, но дека сега полека сето тоа е надминато и се враќа во ритам.

„Изминатите месеци беа многу тешки за мене, тоа е вистина. Не можев да играм како што сакам, а за сето тоа причина беше – раката. Таа повреда влијаеше на мојот форхенд, како и на некои други работи. Воопшто не ми беше лесно да играм“, рече Федерер.

Повредата сега е минато, па Федерер најави дека ќе се врати во победничкиот ритам.

„На Мастерсот во Шангај се виде дека се враќам во нормала и дека следува делот од сезоната на која вообичаено добро играм. Полн сум со самодоверба, иако тоа што се чувствувам добро, не значи дека ќе играм добро. Сепак зависи и од противникот“, додава Федерер.

Федерер неделава игра на АТП-турнирот од серијата 500 во родниот Базел.