Федерер како 25-годишен: Изедначи свој рекорд од 2006 година!

Роџер Федерер се пласира во полуфиналето на мастерсот во Индијан Велс, совладувајќи го Кореецот Хјеонг Чунг со 7-5, 6-1. Со тоа изедначи еден свој рекорд кој датира уште од 2006 година.

Федерер го победи Чунг и го продолжи перфектниот старт во новата сезона. Има 16-0 во победи и порази, што е идентичен почеток на сезоната како и во 2006. Тоа претставува негов најдобар старт на една година и ќе има шанса да го урне рекордот в сабота, кога ќе се соочи со Борна Ќориќ во полуфиналето.

„Уф, 12 години е многу одамна, не памтам што правев тогаш. Дури, не се сеќавам кои турнири ги играв и победив. Изгледа имам сличен старт на годината, само што тогаш имав серија од некои 30, 40 победи, која ми беше почната од годината пред тоа. Сега стартував на Австралијан опен. Одличен почеток е, се надевам дека в сабота ќе додадам уште една победа и ќе го урнам рекордот“, вели Федерер.

Тој го „скрши“ младиот Кореец доцна во првиот сет, а потоа по познатиот рецепт, уште рано направи брејк во вториот, со кој се беше решено. Следниот противник е уште еден од новата генерација. Ќориќ синоќа заслужи полуфинале со триумфот над Кевин Андерсон со пресврт 2-6, 6-4, 7-6.