Федерер го оперираше коленото и ќе го пропушти Ролан Гарос

Роџер Федерер ќе биде надвор од тениските терени повеќе месеци, откако денеска објави дека имал операција на коленото. 

Швајцарецот правел артроскопија на коленото за да го реши проблемот со повредата, што го мачи веќе подолго време. Федерер е убеден дека целосно ќе закрепне и ќе биде подготвен да се врати на турнирите на трева што ќе започнат летово по Ролан Гарос. Тој дефинитивно го пропушта вториот сезонски грен слем во Париз, каде што славеше во 2009 година.

„По зафатот, докторите се убедени дека го направив вистинскиот потег и се убедени во целосно закрепнување. Ќе се видиме на тревата“, соопшти 20-кратниот освојувач на грен слем трофеи.

Ова значи дека Федерер ќе ги пропушти турнирите на тврда подлога како Дубаи, Индијан Велс, Мајами и останатите турнири на земјена површина пред Ролан Гарос, кој стартува на 24 мај, а трае до 7 јуни.